МВР

Спасовски во посета на 77-иот реконструиран објект – Полициската станица Свети Николе

17.10.2022 12:22

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР и градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, изврши увид во целосно реновираниот објект на Полициската станица од општа надлежност Свети Николе...

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР и градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, изврши увид во целосно реновираниот објект на Полициската станица од општа надлежност Свети Николе, како дел од континуираните активности на МВР за материјално-техничко и инфраструктурно унапредување на полицијата, по што беше остварена и работна средба со раководството од оваа организациона единица.

Полициската станица од општа надлежност Свети Николе е 77. реновиран и саниран објект, што претставува уште еден значаен градежен проект во рамки на реализацијата на концептот за материјално – техничко унапредување на функционирањето на полициските службеници во сите нејзини домени, проект којшто, како што рече министерот Спасовски во својата изјава за медиумите, веќе неколку години наназад со претходно зацртана динамика се реализира низ целата држава – Опремена и задоволна полиција, вистински сервис за граѓаните.

„Објектот е целосно саниран во сите градежни аспекти со средства од буџетот на Министерството во висина од 16.500.000 денари, почитувајќи ги притоа сите современи градежни стандарди, вклучително и стандардите за енергетска ефикасност, во насока на драстично подобрување на условите за секојдневно работење на нашите колеги од оваа организациона единица и, се разбира, во интерес на граѓаните и услугите што полицијата како нивен сервис ги реализира“, истакна министерот Спасовски.