Вештачењето за несреќата на „Струма“ пред судот во Перник
Случајот за автобуската несреќа во Бугарија, влегува во судот во Перник. Наодите од вештачењето на спроведената предистражна постапка се готови. Покрај вината на возачот на автобусот, се докажува и лошо одржување на автопатот „Струма“...

Покрај вината на возачот на автобусот, според наодите од вештачењето на спроведената предистражна постапка се докажува и лошо одржување на автопатот „Струма“ или целосно отсуство на ознаките и на патната сигнализација, вели адвокатот на дел од семејствата на жртвите Николај Димитров. Тврди дека има докази за неисполнување на задачите од службеници во Агенцијата за патна инфраструктура на централно ниво. Случајот за несреќата во Бугарија од ноември минатата година влезе во судот во Перник.
„Вештакот во својот извод заклучува дека возачот не знаел каде се наоѓа во тој дел од патот. Има вина на шоферот, но тој едноставно немал ориентација каде се наоѓа на патот. Ете, можете да видите какви мерки сега се преземени од страна на агенцијата за патната инфраструктура. Ова што го гледате според мене не е многу сериозно, не го скинав јас, тоа е компромитирано, видете ги и знаците какви се. Тоа според мене е банкина – убиец и има докази за неисполнување на задачите од службеници во Агенцијата за патна инфраструктура на централно ниво. Додека некој не влезе во затвор, ваквите работи нема да престанат“, рече Николај Димитров, адвокат на дел од семејствата на жртвите.
Адвокатот Димитров посочува дека почнува постапка против Националното биро за автомобилско осигурување и Агенцијата за патна инфраструктура.
„Заклучно експертизата којашто беше во средата сега почнуваме постапка против Националното биро за автомобилско осигурување и Агенцијата за патна инфраструктура. Многу е важно за наследниците на настраданите кои се во Македонија да знаат дека ако побараат оштета од тамошната осигурителна компанија нема да може да земат поголема оштета, како што би можеле од Бугарија. Борбата продолжува“, рече Николај Димитров – адвокат на дел од семејствата на жртвите.
Вкупната цена на отштета е повеќе од 2 милиони лева, само за оние наследници кои ги застапува, вели адвокатот. Надлежните во Бугарија најавуваат дека ќе биде потребно да се направи дополнителна експертиза. Во несреќата на автобусот на Беса – Транс, лани во ноември загинаа 45 патници, меѓу нив 13 деца.
Наташа Г. Петрушевска
