Македонија

Охрид: Белчишкото блато ќе биде нов парк на природата

17.10.2022 14:45

Охридскиот регион е на пат да добие уште еден Парк на природата. Останува уште студијата да ја мине јавната расправа и да се изгласа во Парламенто. Станува збор за најзначајното блато во земјава, недопрено од човечка рака, со богат биодиверзитет што ќе ги отвори вратите и за развој на екотуризмот...

Студијата за прогласување на Белчишкото блато за Парк на природата е завршена и се очекува до крајот на годината овој процес да биде заокружен во македонскиот Парламент. Се работи за најзачуваното блатно живеалиште на територијата на нашата држава, сочувано во изворна форма на површина од 401 хектари од кои 32 зафаќа блатната евлова шума, која е најсочувана од таков вид во земјава.

„Многу битна е хидрологијата на блатото, бидејќи е огромен извор на свежа питка вода каде што има девет езерца, има река матица коишто со последните хидрогеолошки испитувања даваат обилност од околу три метри кубни во секунда што е доволно, теоретски за снабдување на еден град со 400.000 жители“, вели Ѓоко Зороски-инженер за животна средина.

Блатото располага и со богат биодиверзитет, поединечни групи на птици и цицачи коишто се претставени со голем процент во однос на територијата на целата држава.

„На пример, на блатото имаме 85 вида птици, што е 27 проценти од целата територија на државата, земајќи предвид колкава површина зафаќа блатото, значи колкав биодиверзитет се сконцентрирал на толку мало место“, вели Зороски.

Ова природно богатство и овозможува на општина Дебрца да развива еко-туризам, а блатото би станало дел од идната европска мрежа „Натура 2 000“. Сите елементи коишто ги содржи овој простор го прави атрактивен не само за посетители, туку и за истражувачи, бидејќи се работи за недопрено подрачје сочувано во својата исконска форма.

Сашо Нелоски