Скопје

Општина Центар и Архитектонскиот факултет започнаа разработка на студентски визии за значајни локации во општината

17.10.2022 15:13

Согласно Студиската програма, студентите се обучуваат за практична примена на знаењата од архитектонско проектирање на специфичните објекти од областите на административните (канцелариски) згради и зградите за образование.

Како продолжение на континуираната соработка помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, официјализирана и преку меморандум за соработка во 2019 година и оваа академска година ќе реализираат заеднички стручно-образовни активности.

Како што информираат од Општина Центар, една од нив е соработката помеѓу вработените од Секторот за урбанизам при Општина Центар и наставниот кадар од предметот Архитектонско студио 5.2, под водство на проф. д-р Анета Христова – Поповска,  вонр. проф. д-р Михајло Зиноски и доц. д-р Мери Батакоја.

Согласно Студиската програма, студентите се обучуваат за практична примена на знаењата од архитектонско проектирање на специфичните објекти од областите на административните (канцелариски) згради и зградите за образование.

По избор на наставниот кадар, а во договор со Општина Центар, во рамките на овогодинешното студио, локацијата на која ќе проектираат административна зграда е парцелата каде се наоѓаат бараките на Општина Центар.

На студентите на денешната посета им се обрати и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој им посака успех во проектирањето и порача дека добрата соработка со Архитектонскиот факултет ќе продолжи и во иднина, со уште заеднички проекти за подобрување на животот на центарци.