Европа

Се стега ременот во Европа поради економската криза

17.10.2022 15:14

Високата инфлација, зголемените трошоци за живот и енергетската неизвесност предизвикаа бран незадоволства на стариот континент. Во Португалија илјадници луѓе го кренаа својот глас за зголемување на платите и на пензиите...

Економската и енергетската криза предизвикани од војната во Украина, почнува да го стега ременот на европјаните. Се продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните. Високата инфлација, зголемените трошоци за живот и енергетската неизвесност предизвикаа бран незадоволства на стариот континент. Во Португалија илјадници луѓе го кренаа својот глас за зголемување на платите и на пензиите.

„Кога сите цени ќе се зголемат, месото и рибата, млекото и лебот, домувањето и горивото, електричната енергија и училишниот прибор, кога профитот и богатството создадени од работниците расте, не може само платите и пензиите да бидат единственото нешто што не се зголемува“, изјави Изабел Камариња, генерален секретар на Синдикалната конфедерација на Португалија.

Десетици илјади демонстранти маршираа во изминатиов викенд во Париз, гневни поради растот на цените, три недели по штрајкот на рафинеријата што предизвика недостиг на гориво и хаос на бензиските пумпи низ Франција. Куповната моќ на граѓаните опаѓа и во Данска. За 10 проценти е зголемена инфлацијата, што е најголем пораст од 1982 година.

„Инфлацијата всушност е малку повисока отколку што очекувавме. И ова е главно поради тоа што цените на енергијата се зголемија повеќе отколку што очекувавме“, изјави Луиз Агерстрем, главен аналитичар во данската банка.

Едно истражување во Данска покажа зголемен процент на кражби во супермаркетите. Експертите овој негативен тренд и го препишуваат на инфлацијата.

„Постојат некои криминолошки истражувања кои покажуваат дека кога инфлацијата ќе се зголеми, се зголемува и криминалот“, изјави Расмус Мунксгард, асистент на универзитетот во Алборг на факултетот за социологија и социјална работа.

„Во моментов, има се повеќе грабежи на обични намирници, особено сирење. Многу сирење исчезнува. Мислам дека ова е едноставно поради тоа што на луѓето им недостигаат пари“, рече Сорен Нилсен, менаџер на продавница во Оденсе.

Инфлацијата во еврозоната достигна двоцифрена бројка што е нов рекорд од септември. Последниот бран поскапувања беше поттикнат од енергијата, чија цена е повисока за 41 насто во споредба со истиот месец лани.

Маја Стојанова