Писателот Венко Андоновски добитник на „Златен венец“ за драматургија во Русија
„Златниот венец“ за драматургија на Андоновски му е доделен за книгата „Три пиеси за театарот“, издадена во Москва минатата година, а преведена од Олга Панкина, позната афирматорка на македонската литература на руски јазик.

Писателот Венко Андоновски e добитник на престижната награда за драматургија „Златен венец“ која му беше доделена на Тринаесеттиот меѓународен книжевен форум „Златен витез“, кој секоја година се одржува во октомври во Русија, a по повод годишнината од раѓањето на славниот руски поет Михаил Ј. Лермонтов.
„Златниот венец“ за драматургија на Андоновски му е доделен за книгата „Три пиеси за театарот“, издадена во Москва минатата година, а преведена од Олга Панкина, позната афирматорка на македонската литература на руски јазик.
На форумот се доделуваат награди за повеќе уметнички области, а годинава во компетиција биле 428 дела од 12 земји.
Основач и претседател на Меѓународниот книжевен форум „Златен витез“ е Николаj Бурљаев, светски познат филмски артист, запаметен по главните улоги кои ги играше во филмовите „Иваново детство“ и „Андреј Рубљов“ на Андреј Тарковски, но и голем општествен деец.
Целта на фестивалот, односно Форумот, е поврзување на литературните дејци под мотото: „За моралните идеали, за извишување на душата на човекот“.
