АГРОМЕТЕО

Врнежите ја стопираа жетвата на оризот

18.10.2022 09:05

Врнежите кои траеја неколку дена, ги намалија дневните температури, но ги прекинаа и сите земјоделски работи на отворено и сеидбата на јачменот која веќе беше почната. Жетвата на оризот во кочанско и виничко беше целосно прекината...

Дождовите особено беа неповолно и целосно ја прекина жетвата на оризот во Кочанско и Виничко, поради влажната арпа и неможноста земјоделската механизацијата да влезе во нивите кои сè уште не се целосно суви.

Во овој момент влага во почвата има доволно. Деновиве временските услови драстично се сменија. Имаме суво време, многу повеќе сонце, со повисоки дневни, но и пониски утрински температури, што ќе донесе слана и мраз во повисоките региони. Според агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР во овој момент опасностите од штети се мали. Односно, насадите на нивите како што се зелката и другите зелјести култури се издржливи и отпорни на ваквите температури.

Подобрувањето на времето им овозможи на земјоделците да го дособерат и преостанатиот дел родот во градинарството, кај пченката и тутунот, и да почнат подготовки за есенската сеидбата на пченицата, која оваа година заради кризата се очекува да има поголема побарувачка.

Експертите порачуваат земјоделците оваа кампања да сеат високородни сорти на пченица, за поголемо производството, поголем род и заработка.

Методија Трајков