Зеленски: Повеќе од 25 области биле цел на Русија
Продолжуваат руските напади во повеќе украински градови. Зеленски ги повика земјите да помогнат во обезбедувањето повеќе системи за противвоздушна одбрана за борба против нападите. Го коментираше и ослободувањето на затворениците по размената со Русија. Европската унија собира докази за тоа дали Иран и продава беспилотни летала на Русија...

Украинскиот претседател Зеленски изјави дека во текот на ноќта повеќе од 25 области во земјата биле цел на Русија. Го истакна нападот со беспилотно летало врз Киев и ги повика земјите да помогнат во обезбедувањето повеќе системи за противвоздушна одбрана за борба против нападите.
„Во текот на денот продолжи уривањето на урнатините на оние места што успеаја да ги погодат руските терористи. Во Киев убиле младо семејство, гаѓајќи станбена зграда. Нападите предизвикаа дополнителни прекини на електричната енергија, но тоа се поправа. Работите за реставрација се во тек“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Зеленски го коментираше и ослободувањето на затворениците по размената на затвореници со Русија во понеделникот.
„Се одржа следната фаза од ослободувањето на нашите луѓе од руско заробеништво, успеавме да вратиме 108 Украинки. Офицери, наредници, граѓани, армија, морнарица, територијална одбрана, национална гарда, граничари, 96 се војници, а 37 од тие се евакуирани од „Азовстал“. 12 цивили. Меѓу ослободените денес има и оние кои беа заробени долго пред целосната војна. Не забораваме ниту еден од нашите луѓе, мораме да ги вратиме сите. И, ќе се вратиме“, информираше Зеленски.
Европската унија собира докази за тоа дали Иран и продава беспилотни летала на Русија. Шефот на европската дипломатија, Борел, рече дека доколку се докаже дека обвинувањата се точни, Унијата ќе одговори.
Во момент кога температурите паѓаат под нулата во источна Украина, оние коишто не избегале од тешките борби се на прагот на брутална зима.
„Навистина е ладно. Спијам во облека во мојот стан.“
„Прозорите ни беа оштетени. Сега само јадеме овде, но спиеме во соседниот стан бидејќи нивните прозорци не се оштетени, па затоа е потопло.“
„Сега е навистина ладно. Да не беше мојот син, ќе се замрзнав.
„Имам раце и нозе, па не се плашам од студот бидејќи можам да најдам дрва и да го загреам шпоретот.“
Многу жители на регионот Харков со недели живеат без гас, вода или струја, откако руските напади ги прекинаа комуналните услуги во многу градови и населени места.
Марина Ристова
