Куманово

Добра информираност за борба против трговија со луѓе

18.10.2022 13:57

Најдоброто оружје во борба против трговијата со луѓе, е добрата информираност, подигањето на јавната свест и пријавувањето. Во земјава сè уште постои ова модерно ропство. Најчести жртви се децата и жените. Од институциите велат тешко се откриваат жртвите и трговците. Кризите пак се нов ризик и дополнителен предизвик...

Со добра информираност, подигање на јавната свест, институционална соработка и пријавување, ќе си придонесе во борбата против трговијата со луѓе, е пораката од трибината по повод Европскиот ден на борбата против ова зло. Најчести жртви сè уште се децата и жените. Институциите и понатаму тешко ги откриваат жртвите и трговците.

„Лице, семејство кога ќе влезе во нашиот центар ние ги гледаме симптомите и индикаторите кои би можеле да ни дадат знак дека се случува нешто во семејството, посебно кога станува збор за трговија со луѓе, особено кај деца. Посебно со присилните малолетнички бракови, како и децата на улица, оние што питачат, вели Даниела Младеновска Спасовски“, социјален работник при Центарот за социјална работа Куманово.

Од институциите нагласуваат дека уште потешко е откривањето на лица кои се врбуваат преку социјалните мрежи. Кризите пак се нов ризик и дополнителен предизвик за жртвите на трговија со луѓе.

„Тој процент се ваквите активности можеби и се намалуваат, меѓутоа движењата во светот и се она што се случува е реална можност овие бројки за жал да се зголемуваат“, дополни Виолета Богдановска, Општински совет за превенција на детско престапништво.

Главната улога во заштитата на децата има семејството, потоа училиштето и институциите.

„Треба да има една соработка да се изготвуваат извештаи за деца, да се види каква е неговата психофизичка состојба, какви се неговите семејни услови во коишто живее, за да можеме ние да дојдеме до некој заклучок од каде тоа дете се нашло жртва на некој вид кривично дело“, истакна Јулија Гаревска, поранешен судија во Основен суд Куманово.

Трибината за актуализирање на проблемот со трговија со луѓе, особено деца ја организираше општинскиот Црвен крст, заедно со кумановскиот совет за превенција на детско престапништво. Присуствуваа ученици од основни и средни училишта.

Елена Георгиевска