Традиционалната „Годишна изложба“ вечерва во Мала станица
Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечерва во 20 часот во Националната Галерија на РСМ, објект Мала станица, ја отвора традиционалната „Годишна изложба“. Изложбата е под покровителство на Министерството за култура.

Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечерва во 20 часот во Националната Галерија на РСМ, објект Мала станица, ја отвора традиционалната „Годишна изложба“. Изложбата е под покровителство на Министерството за култура.
Несомнено е дека годишните и ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставувале голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па се до денес. Друштвото за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ всушност станува арбитар за себе си, а истовремено ја презема и целата одговорност и ризик на излагањето.
Оваа година на изложбата учество зедоа 55 автори, членови на ДЛУМ кои се претставија во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.
Како и секогаш, така и оваа година Друштвото на ликовни уметници на Македонија на отворањето на изложбата ќе додели неколку награди: награда за сликарство, за скулптура, за графика и за нови медиуми.
Изложбата ќе биде отворена до 28-ми октомври.
