Собрание

Партиите во клинч за избор на уставни судии

18.10.2022 14:36

Парламентарното мнозинство ја обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека го блокира изборот на уставни судии и сака да предизвика уставна криза, откако на дневен ред на пленарка е утврдена точка за избор на двајца кандидати за уставни судии од редовите на власта. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак тврди власта го крши Деловникот и Уставот за на мала врата да ги протурка нивните решенија за Уставниот суд. Најавија интерпелација за претседателката на комисијата...

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески порача дека мнозинството нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да го блокира изборот на уставните судии и да предизвика уставна криза. Митрески смета дека не е преседан тоа што Собранието ќе гласа за двајца од тројцата предложени кандидати за уставни судии на Комисијата за избори и именувања. Митрески уверува дека треба да се прави разлика помеѓу избор на уставен судија и носење закон или амандмани.

ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Комисијата, прво треба да ја заврши дебатата за сите предлози за уставни судии и да има финално гласање за трите имиња заедно, за да можат да се најдат на пленарка. Мицевски смета дека за мнозинството не се важни ниту мерки, ниту закони, туку најважни се меѓупартиските и коалициските комбинаторики и пазарења, дециден е Мицевски.

На пленарната седница на агендата се двата предлози Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева, кои ги предложи СДСМ за избор на уставни судии, а кои поминаа на Комисијата за избори, додека за утврдување на актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески, како предлог за уставен судија, подолго време се дебатира на работното тело. Шесте предлози на ВМРО-ДПМНЕ за предлози на уставни судии не добија зелено светло од комисијата.

Игор Панов