Меси и Кристијано Роналдо му ги отстапија почестите на Бензема

18.10.2022 19:18

Oвој пат Бензема немаше вистинска конкуренција во изборот на престижниот фудбалски магазин „Франс фудбал“, па зад него останаа Садио Мане и Кевин де Бруине.

Конечно дојде време за Карим Бензема. Во ерата на Меси и на Роналдо, францускиот ас немаше кога да ја добие „Златната топка“, затоа што само Лука Модриќ во 2018-тата успеа да ја прекине доминацијата на најдобрите фудбалери во последната деценија и половина. Но овој пат Бензема немаше вистинска конкуренција во изборот на престижниот фудбалски магазин „Франс фудбал“, па зад него останаа Садио Мане и Кевин де Бруине.

Со 27 голови на 32 натпревара во Шпанија и со 15 гола на 12 настапи во Лигата на шампионите, Бензема придонесе за двете најпосакувани титули на Реал Мадрид – Ла Лига и европската круна. Токму затоа е нелогично што Курота не е меѓу тројцата најдобри, или што Манчестер сити беше прогласен за најдобар клуб, а беше елиминиран од Реал во елитната континентална конкуренција. Но колку и да имаше дилеми за некои категории, а со тоа и за бурни реакции, за изборот на Карим Бензема не може да има ниту еден контра збор.