Нови сирени и битки за Херсон
Прогласена е тревога во регионите Днепропетровск, Полтава, Суми, Чернихив и Харков. Се подготвува битка и за регионот Херсон. Новиот командант на руските сили во Украина вели дека ситуацијата во јужниот град е тешка и дека жителите треба да бидат евакуирани. Иран негира дека и доставува дронови на Русија...

Сирени за воздушна опасност повторно одекнаа низ Украина. Прогласена е тревога во регионите Днепропетровск, Полтава, Суми, Чернихив и Харков. Се подготвува битка и за регионот Херсон. Новиот командант на руските сили во Украина вели дека ситуацијата во јужниот град е тешка и дека жителите треба да бидат евакуирани. Обвини дека украинските трупи целат кон градската и цивилната инфраструктура на Херсон.
„Руската армија пред сè ќе обезбеди безбедна евакуација на населението. Раководството на НАТО на украинските вооружени сили долго време бараше офанзива во Херсон од режимот во Киев, не земајќи ги предвид жртвите меѓу украинските вооружени сили и цивилното население. Имаме разузнавачки информации дека Киев подготвува масовен ракетен напад врз хидроелектраната „Каховскаја“, масовен ракетно-артилериски напад врз градот без дискриминација на цели. Од денес е веќе многу тешко“, изјави Сергеј Суровикин, командант на руските трупи во Украина.
Доказ дека Русија доживува воен и политички пораз се иранските беспилотни летала што Москва масовно ги користеше во последните денови за да ја нападне енергетската инфраструктура на Украина – изјави Зеленски.
„Со децении тие потрошија милијарди долари на својот воено-индустриски комплекс и на крајот му се поклонија на Техеран да добијат прилично едноставни беспилотни летала и проектили. Стратешки, тоа сепак нема да им помогне. Тоа само дополнително му докажува на светот дека Русија е на патот на поразот и се обидува да вовлече некој друг во своите соучесници во ужас“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Иран негира дека и доставува дронови на Русија, а Кремљ соопшти дека нема информации дали се користени ирански беспилотни летала, камикази. Вашингтон загрижен.
„Русија се повеќе се потпира на земја како Иран, познат по своите дестабилизирачки дејства во регионот и ширум светот, тоа е длабоко загрижувачки за светот. Ќе продолжиме да преземаме практични, агресивни чекори за да ја отежнеме продажбата на оружје, вклучително и санкции, активности за контрола на извозот против сите вклучени субјекти“, изјави Ведант Пател, заменик-портпарол на Стејт Департментот.
Нападите на руските трупи врз енергетските постројки доведоа до масовни прекини на струјата низ Украина. За нешто повеќе од една недела уништени се 30 насто од централите.
Бојана Крстевски
