Почна да функционира подземниот катастар

24.04.2014 12:08

Придобивките од воспоставувањето на инфраструктурниот катастар се огромни, бидејќи ќе се добијат информации за искористеноста на просторот...

Со впишувањето на првиот инфраструктурен објект на Македонски телеком и издавањето на имотниот лист почна да функционира подземниот катастар во Македонија.
Со ова се создадени можности да се евидентираат сите подземни инфраструктурни објекти со што во иднина би се намалиле нивните оштетувања што досега се правеа при разните ископувања на земјиштето.
 
„Започнувајќи од вторникот создадени се услови за запишување на телекомуникациската инфраструктура и ги повикувам сите компании кои располагаат со соодветна градежно-техничка документација да ја достават и што поскоро да добијат имотен лист“, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески на денешата прес-конференција.
 
Според него, придобивките од воспоставувањето на инфраструктурниот катастар се огромни, бидејќи ќе се добијат информации за искористеноста на просторот, ќе се намалат оштетувањата на подземната инфраструктура, а и компаниите ќе добијат сопственост над оваа инфраструктура.