Руско - украински конфликт

Нова контраофанзива се подготвува во Херсон

19.10.2022 12:36

Русија очекува напад на Херсон. Ситуацијата е исклучително тешка, цивилите се евакуираат. Иран негира дека и доставува дронови на Русија. Вашингтон загрижен...

Сирени за воздушна опасност одекнаа низ Украина. Прогласена тревога во регионите Днепропетровск, Постава, Суми, Чернихив и Харков. Во руското гранатирање врз Киев, загинале тројца. Нова контраофанзива се подготвува во Херсон. Командантот на руските сили во Украина обвини дека украинските трупи целат кон градската и цивилната инфраструктура на јужниот град. Призна оти ситуацијата е исклучително тешка. Жителите се евакуираат.

„Имаме разузнавачки информации дека Киев подготвува масовен ракетен напад врз хидроелектраната Каховскаја, масовен ракетно-артилериски напад врз Херсон без дискриминација на цели. Од денес е веќе многу тешко“, изјави Сергеј Суровикин, командант на руските трупи во Украина.

„Напорите за преселување на жителите на другиот брег на реката Днепро се во тек. Сега е достапна и услугата за ферибот за да ги однесе луѓето, од пристаништето Херсон до Олешки и Хола Пристан, за привремено сместување“, изјави претставникот на градската администрација, Олешки.

Борби и за контрола врз нуклеарката во Запорожје. Русија тврди оти по неколкучасовна битка успеале да го одбијат украинскиот напад, откако Киев претходно изврши амфибиска операција и го гранатираше градот Енергодар кој е под руска контрола. Доказ дека Русија доживува воен и политички пораз се иранските беспилотни летала што Москва масовно ги користи во последните денови – тврди Зеленски.

„Со децении тие потрошија милијарди долари на својот воено-индустриски комплекс и на крајот му се поклонија на Техеран да добијат прилично едноставни беспилотни летала и проектили. Стратешки, тоа сепак нема да им помогне“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Вашингтон загрижен.

„Русија се повеќе се потпира на земја како Иран, познат по своите дестабилизирачки дејства во регионот и ширум светот, тоа е длабоко загрижувачки за светот“, изјави Ведант Пател заменик-портпарол на Стејт департментот.

Нападите на руските трупи врз енергетските постројки доведоа до масовни прекини на струјата низ Украина. За нешто повеќе од една недела уништени се 30 насто од централите. Белорусија соопшти дека ги повикала граѓаните да се пријават во воениот регистар, но дека не планира мобилизација.

Бојана Крстевски