Македонската Филхармонија и пијанистот Давид Фре со омаж кон величественото семејство Бах

24.04.2014 12:40

Македонската филхармонија во соработка со Францускиот институг во Скопје со задоволство го претставува концертот симболично насловен ВЕЛИЧЕСТВЕНОТО СЕМЕЈСТВО БАХ, кој ќе се одржи во петок на 25 април 2014, во Македонската опера и балет, со почеток во 20:00 часот

Ова уникатно музичко доживување на сцената ќе го претстави еден од најталентираните млади пијанисти на денешницата, Давид Фре (Франција), именуван за откритие на годината од страна на музичкото списание на Би-Би-Си.
Давид Фре, кој настапува во најпрестижните концертни сали, на македонскиот подиум ќе го изведе исклучително иновативниот Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Јохан Себастијан Бах кој истовремено ќе го диригира од пијаното. 
 
На програмата се и Бранденбуршкиот концерт бр. 3 и познатата Арија од Оркестарската свита бр. 3 на Јохан Себастијан Бах, а својата македонска премиера ќе ја доживеат Симфонија F-dur од Вилхелм Фридеман Бах и Симфонија D-dur од Јохан Кристоф Фридрих Бах, двајцата синови на великанот Јохан Себастијан кои се продолжувачи на музичката традиција на нивниот татко. 
 
Биографија:
 
Францускиот пијанист Давид Фре во 2008 година е именуван за откритие на годината од списанието за музика на „Би-Би-Си“. Тој постојано настапува со водечки оркестри и соработува со диригенти како Марин Алсоп, Пјер Булез, Кристоф Ешенбах, Даниеле Гати, Пааво Јарви, Курт Мазур, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен, Јаник Незет-Сегуин и Јаап ван Цведен, а исто така редовно настапува со свои рецитали низ најпрестижните сали во Европа, Азија и во САД.
Овој млад уметник ја ужива поддршката од повеќе значајни уметници на денешницата: Димитри Башкиров, Менахем Преслер, Паул Бадур-Шкода, Кристоф Ешенбах и Пјер Булез. Токму по препорака на маестро Булез, на Давид му е доделена престижната награда за млади таленти на пијано-фестивалот во Рур во 2006 година, а подоцна е поканет од Кристоф Ешенбах да настапи на велигденскиот фестивал „Бетовен“ во Варшава. 
Давид Фре е добитник на многубројни награди и признанија, како за своите настапи на престижните натпревари „Хамамацу“ и Меѓународниот натпревар во Монтреал, така и за своите аудио и видеозаписи. Неговиот прв компакт-диск издаден од компанијата „Вирџин“, со дела од Бах и од Булез, е оценет од музичката критика како „најдобар запис на годината“. Неговите следни записи со концерти од Ј.С. Бах и пиеси од Шуберт, се добитници на многубројни награди, по што телевизиската куќа „Арте“ нарача снимање документарен филм токму за него, кој е режиран од истакнатиот француски режисер Бруно Монсењеон.
Давид Фре започнал да учи пијано кога имал четири години, а своите студии ги продолжил на Високиот национален конзерваториум за музика во Париз, во класата на Жак Рувие, каде што дипломира со највисоки почести.