Се бараат решенија за енергетската криза
Државните институции во септември потрошиле за 20 проценти помалку струја од претходниот месец. Се штеди, ама и се бараат енергенси. Власта чека конкретни понуди со цена и количини од фирмите чиишто контакти ги даде Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уверен, неделава ќе биде потпишан договор. Владата одлучи, ЕСМ да склучи договор со топланата Скопје Север, за и луѓето од овој дел на градот да имаат парно.

До петок треба да се знае по која цена и од каде ќе се снабдува земјава со гас. Владата тврди дека ЕСМ има доставено писмо за понуда до Макпетрол и до другите заинтересирани компании, но не ги открива нивните имиња. Бектеши најави владина одлука за либерализација на пазарот на природен гас, можност и преку гасоводот кај Деве Баир со кој е поврзана Македонија со Бугарија овој енергенс да го увезуваат и други субјекти. Ништо конкретно не се открива ниту за контактите со компаниите што ги понуди лидерот на ВМРО ДПМНЕ. По тврдењата на опозицијата дека е потпишан ЕФЕТ договор Бектеши со став, не е обврзувачки додека не се добијат банкарските гаранции и услови.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицковски вели има информација дека в петок на АД ЕСМ ќе му биде презентирана официјална понуда од компанијата за испорака на гас, а што се однесува мазутот посочи – веќе соопштени се информациите на кое пристаниште во регионот цената ќе биде за 40 долари по тон пониска од берзанската и ќе донесе заштеди до 15 милиони евра.
„Ако се искалкулира да речеме од Солун или Волос да се донесе во ТЕЦ Неготино, приближно 20 евра за тон, или од Волос 40 евра за тон, тоа би значело дека некаде во Македонија ќе ја имаме берзанската цена, што е исклучително квалитетна понуда, што е во моментот некаде околу 70, 80, 90 евра во зависност од цената регулирана со Регулаторната комисија за енергетика на мазутот, поевтина. Или ако земеме во предвид дека се бараат 150.000 тона, тоа значи заштеда помеѓу 10 до 15 милиони евра“ – изјави Мицкоски.
Владата најавува од први декември компаниите од прехранбената индустрија ќе имаат фиксна цена на електричната енергија за да се спречат дополнителни ценовни шокови.
Со мерките за заштеда на струја, државните институции во септември направиле заштеди на генерално ниво од 20 насто споредбено со истиот месец лани. Единствено Министерството за локална самоуправа има зголемена потрошувачка. Водостопанство бележи повисока сума за потрошена струја. Но отстапки од цензусот за заштеди имале и општините Арачиново, Гостивар и Свети Николе. Сè уште не се знае дали ќе има санкции за оние што не ја испочитувале обврската.
Сузана Фиданска Стоевска
