Руско - украински конфликт

Воена состојба во областите приклучени кон Русија

20.10.2022 09:56

Стапува на сила воената состојба во анектираните украински делови кои на референдумот се изјаснија за припојување кон Русија. Продолжуваат руските напади во Украина. Киев воведува рестрикции, поради уништените електроцентрали...

Од денеска на сила воена состојба во украинските региони, кои на референдум гласаа за приклучување кон Русија. Рускиот претседател Путин најави дека треба да се формираат штабови за територијална одбрана во самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск, и во областите Запорожје и Ерсон. Шефовите на тие области ќе добијат дополнителни овластувања.

Воената состојба предвидува евакуација на економски, социјални и културни објекти, и привремено преместување на жителите во безбедни области, воведување посебен режим за влез и излез од територијата и ограничување на слободата на движење, конфискација на имот, забрана за напуштање на граѓаните на државата. Инаку украинската национална енергетска компанија „Укренерго“, порача дека се очекуваат прекини во снабдувањето со струја поради руските ракетни напади.

Претседателот Зеленски рече дека во последните руски ракетни напади биле уништени 30% од украинските електрани.

„Не можете да тргувате со она што не е ваше. Тоа е она што Русија не може да го разбере. Оваа земја не ми припаѓа мене или на никого, на кој било претседател пред мене или по мене. Целата наша земја припаѓа им на граѓаните на Украина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.