Младите архитекти нудат нови визии за развој на Охрид
Неконтролираното градење и урбанистичкиот хаос којшто владее во Охрид во последните неколку децении ги поттикнаа младите архитекти да се организираат со цел да понудат нови идеи и решенија за развојот на градот. Целта е да се контролираат процесите и да се заземаат заеднички ставови коишто ќе придонесат за носење на квалитетни урбанистички решенија што ќе придонесе за зачувување на културното и природното наследство...

Младите архитекти од Охрид се сплотија во организацијата „Архитектонски колектив“ со цел да понудат нови идеи за урбанистичкиот развој на македонскиот бисер. Велат дека нивното мислење во изминатите години било запоставувано, а понекогаш имало и различни ставови помеѓу архитектите што довело до неконтролирана изградба. Очекуваат на овој начин да имаат влијание врз процесите, да биде слушнато нивното мислење и да градат заеднички ставови во однос на урбанистичките решенија. Првиот проект врз којшто работеа и направија академска анализа беше просторот на поранешната касарна.
„Како заклучоци дојдовме до три постулати коишто мислиме дека мора да се запазат. Односно зачувување на целото зеленило во касарната, втор постулат е реупотреба на постојните градби во касарната и трет мислам најбитен којшто треба да се спроведе е сеопфатна анализа за цел простор што ќе резултира со меѓународен архитектонски конкурс“, рече Филип Спасески, член на Охридскиот архитектонски колектив.
Младите архитекти имаат голема поддршка од другите младински организации чија цел е заштита на културното и природното наследство.
„Во Охрид да се поведе повеќе внимание,да се насочи преку различни и во формалното образование програми, бидејќи ако не се поведе внимание едноставно она што значеше Охрид во минатото и сè уште значи полека ќе се изменува и ќе го изгубиме самиот лик на градот“, рече Јован Цветкоски, од младинската организација „Културолошка иницијатива 5 до 12“.
До пред три децении во Охрид опстојуваше Архитектонско биро коешто изработуваше урбанистички решенија за градот при што се ускладуваше старата и новата архитектура. По осамостојувањето тоа згасна, а оваа нова иницијатива дава надеж дека младите архитекти ќе понудат модерни, но издржани урбанистички решенија.
Сашо Нелоски
