Вработените во ЈСП и денеска на протест, бараат исплата на септемвриската плата
Главниот град без јавен превоз. Автобусите на ЈСП останаа паркирани во автобази. Вработените од изутрина излегоа на протест. Раководството на ЈСП тврди дека претпријатието и скопјани се заложници на 20-тина луѓе од независниот синдикат. Најавуваат кривични пријави за организаторите на штрајкот...

Со велосипеди, тротинети, такси превоз, скопјани од рано наутро бараа начин како да стигнат на работа, откако автобусите на ЈСП останаа паркирани поради протест на вработените. Нервоза и метеж на улиците, на постојките застануваа само автобуси на приватните превозници.
Рано изутрината вработените се собраа во кругот на претпријатието.
Вработените бараат исплата на септемвриската плата, во спротивно се заканија, автобусите нема да возат.
Но, наместо пари, синдикалците, заработија кривични пријави. Од раководството на ЈСП велат дека дваесетина луѓе спречувале возачите да излезат на линија, а немале ниту штрајкувачки одбор, ниту пријавен штрајк, поради што го попречиле функционирањето на претпријатието и ги држеле скопјани во заложништво.
Се огласија и од Град Скопје.
„Иако законскиот рок за исплата на платите е до 15-ти текот на месецот, дел од менаџментот на ЈСП одлучи дека треба со манипулации и подбуцнување на дел од вработените да го остави градот без јавен превоз со образложение дека се доцни со исплата на плати, денес, градот Скопје изнајде решение за итна исплата на средствата“, се вели во дописот од Град Скопје.
Анита Димитријевска Велковска
