Руско - украински конфликт

Киев воведува рестрикции поради уништените електроцентрали по руските напади

20.10.2022 13:26

Воена состојба во областите приклучени кон Русија. Претседателот Зеленски рече дека во последните руски ракетни напади биле уништени 30 проценти од украинските електрани. Во Брисел почнува дводневен состанок на европскиот совет на кој лидерите на ЕУ ќе разговараат за континуираната поддршка на ЕУ за Украина. Ердоган изјави дека со неговиот руски колега Путин се договорил за изградба на јазол за природен гас во Турција...

Од денеска на сила воена состојба во украинските региони, кои на референдум гласаа за приклучување кон Русија. Рускиот претседател Путин најави дека треба да се формираат штабови за територијална одбрана во самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск, и во областите Запорожје и Херсон. Шефовите на тие области ќе добијат дополнителни овластувања.

Воената состојба предвидува евакуација на економски, социјални и културни објекти, и привремено преместување на жителите во безбедни области, воведување посебен режим за влез и излез од територијата и ограничување на слободата на движење, конфискација на имот, забрана за напуштање на граѓаните на државата. Инаку украинската национална енергетска компанија „Укренерго“ порача дека се очекуваат прекини во снабдувањето со струја поради руските ракетни напади.

Претседателот Зеленски рече дека во последните руски ракетни напади биле уништени 30 проценти од украинските електрани.

„Не можете да тргувате со она што не е ваше. Тоа е она што Русија не може да го разбере. Оваа земја не ми припаѓа мене или на никого, на кој било претседател пред мене или по мене. Целата наша земја припаѓа им на граѓаните на Украина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во Брисел почнува дводневен состанок на европскиот совет на кој лидерите на ЕУ ќе разговараат за континуираната поддршка на ЕУ за Украина и ќе ја проценат состојбата на цените на енергијата и безбедноста на снабдувањето. Вклучително и мерките за оптимизација на пазарот и напредокот во намалувањето на побарувачката. Состанокот следи по неформалниот европски совет во Прага на 7-ми октомври, на кој лидерите на ЕУ разговараа за војната на Русија против Украина и влијанието што таа го има врз енергетската криза и економијата во Европа.

Турскиот претседател Ердоган изјави дека со неговиот руски колега Путин се договорил за изградба на јазол за природен гас во Турција. Изјави дека Европа ќе добива руски гас преку јазолот во Турција.

Марина Ристова