Петровска: Интензивно работиме на Законот за критична инфраструктура како рамка за создавање отпорност на системите витални за државата
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се обрати на конференцијата „Кон отпорност и заштита на критичната инфраструктура: регионални искуства“...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се обрати на конференцијата „Кон отпорност и заштита на критичната инфраструктура: регионални искуства“, која се одржува во рамки на проектот Платформа за безбедносни политики на Југоисточна Европа, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Скопје. Критичната инфраструктура ги опфаќа физичките или виртуелните системи кои се витални за една држава и затоа нивното онеспособување или уништување би имало негативен ефект врз националната, економската и социјалната безбедност.
На Конференцијата посветена на значајноста на легислативната рамка и заштитата на критичната инфраструктура, министерката Петровска истакна дека во услови на променета европска безбедносна архитектура, потребата да се изгради сеопфатен систем за заштита на критична инфраструктура е поголема од било кога.
„Секојдневно сведочиме дека софистицираните хибридни и сајбер закани кои ја таргетираат критичната инфраструктура и на државите во регионот, стануваат сè посериозна закана и сериозен безбедносен предизвик за државите, а се разбира и за нашата. Примерите посочуваат дека невидливиот пријател може да ги попречи или оневозможи речиси сите сегменти на нашето секојдневно живеење. Во изминатиот период во регионот сме сведоци во голем број на сајбер напади врз државни институции, невладините организации, системите за водоснабдување, енергетската мрежа, транспортот, голем број на онлајн услуги кои ги користат граѓаните итн. “, рече министерката.
Петровска посочи дека прашањето на критичната инфраструктура е дел од еден покрупен мозаик кој претставува предизвик во изградбата на висок степен на отпорност на нашето општество и дека е неопходно да се подигне свесноста и нивото на подготвеност за заштита на критичната инфраструктура во рамки на стратешкото управување со државата и нејзините институции, вклучително и изградба на интегрирана легислативна рамка за заштита на критичната инфраструктура.
„Треба да изградиме вмрежен систем и заштитата на критичната инфраструктура кој не може да биде едносекторски и парцијален доколку се разбира очекуваме рано предупредување и превенција. Токму затоа ни е потребен ни е системски пристап кон уредувањето на заштитата на критичната инфраструктура што ние како Министерство за одбрана веќе извесен период го водиме овој процес и во рамките на проектот МКД НАТО 2030 се формираше и Комитет кој имаше за цел токму тоа“, посочи Петровска.
Заштитата на критичната инфраструктура, покрај тоа што е значајна за заштита на државните интереси и граѓаните, е потребна и за заштита на безбедноста и на регионот, но и на сите земји членки на НАТО и на ЕУ.
