Ковачевски побара АД „Скопје Север“ да го врати стариот долг кон ЕСМ
АД ЕСМ ќе ги спасува граѓаните коишто се греат на парно преку топланата „Скопје Север“. Компанијата преку договор за деловно-техничка соработка ќе овозможи корисниците од овој дел на градот да продолжат да добиваат топлинска енергија, откако од „Скопје Север“ се пожалија дека ќе бидат принудени да ги остават радијаторите студени зашто немаат пари...

Граѓаните на Скопје да не се грижат, парно ќе има, уверува генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Вели – овие денови треба да се разгледаат понудите за набавка на природен гас за топланите. Доколку нема прифатливи понуди ЕСМ се подготвува за работа на топланите на алтернативно гориво дизел.
Ад ЕСМ ќе склучи и нов договор за деловно техничка со АД „Скопје Север“ со кој ќе се уредат односите за оваа грејна сезона граѓаните на овој реон да имаат парно греење. За договорот да биде функционален, вели Ковачевски, АД „Скопје Север„ ќе треба да ги испочитува сите обврски од договорот. Ковачевски побара топланата „Скопје Север“ да врати 425.000 евра кои ЕСМ ги исплати за половина од минатата грејна сезона.
Греењето и сметките беа испорачани, граѓаните си ги платиле, но парите сè уште не се вратени на сметката на ЕСМ, објаснува Ковачевски. Додава дека ЕСМ и Владата ќе сторат се за граѓаните од Скопје Север да имаат греење, но правните и финансиските работи мора да се испочитуваат.
Марија Котовска
