Македонија

Тупанчески: Законот за граѓански здруженија не треба да се применува ретроактивно

20.10.2022 14:41

Законите не треба да се применуваат ретроактивно, но има начини како институциите може да реагираат – уверува министерот за правда по формирањето на неколку бугарски здруженија и клубови со провокативни имиња. Тупанчески признава дека пред советодавното тело за употребата на имињата претстои сериозен предизвик. Односите меѓу Скопје и Софија повторно се затегнаа по провокациите од европратеникот Џамбаски. МНР упати вербална нота, бугарското министерство денеска го осуди говорот на омраза, за којшто велат, не е официјална позиција на Софија...

Според македонското право, одредбите на законите, како што е оној за граѓански здруженија и фондации не треба да се применуваат ретроактивно, вели министерот Тупанчевски, но напоменува дека институции можат да реагираат доколку примената на законот не е во согласност со постоечката регулатива.

Тупанчевски вели дека ќе го прифати секој конструктивен предлог кој се однесува на Законот за здруженија и фондации без разлика од која партија доаѓа. Не сакаше да прецизира дали ќе побара преименување на бугарските клубови „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ туку рече дека за тоа постојат и други институции.

„Легалистички гледано, одредбите не треба да се применуваат ретроактивно, меѓутоа доколку се констатира дека има одредена неправилност или активност што не е во согласност со законот, има и други институции кои имаат можност да постапуваат“, рече Никола Тупанчевски.

Тупанчески информираше дека советодавното тело заседавало и пред него претстои сериозна обврска да се произнесува во однос на тоа дали историските ликови коишто имаат контроверзно минато можат да бидат дел од името на здружението, односно на фондацијата.

Во исто време, македонското МНР ги осуди непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, а кои се однесуваат на македонскиот народ.

„Очигледно е дека ваквите декларација се во спротивност на интенцијата на двете Влади за градење доверба меѓу народите на двете земји, и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување“, велат во соопштението од МНР.

Од МНР потенцираат дека интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството и во таа насока ги охрабруваат и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓу-гранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка.

Од бугарското МНР пак, се извинија за сите јавни настапи во кои има навреда и говор на омраза кон Македонија.

Катерина Топалова