Конференција „Можности за проширување“

Гир: Со промовирање на добрососедски односи не се губат идентитетот и историјата

20.10.2022 14:42

„Добрососедските односи се клучни за пристапниот процес со Европската унија. Во интерес на сите е заемната соработка за справување со предизвиците“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир на конференцијата „Можности за проширување“ во Скопје...

Добрите меѓусоседски односи се значаен дел од пристапниот процес затоа што ЕУ не сака да увезе спорови. Со промовирање на добрососедски односи не се губат идентитетот и историјата, туку се зацврстуваат, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на конференцијата „Можности за проширување“ во Скопје.

„Во промовирањето на добрососедски односи мора сите да пристапиме со отвореност и почит. Мора да се слушаме меѓусебе зашто е во наш интерес и нема да се изгуби нашиот идентитет ако така постапуваме. Процесот на пристапување во ЕУ може да биде инструмент за промовирање и унапредување на односите преку користење на средствата што се на располагање и отворањето на заедничкиот пазар, поврзаност и размена меѓу луѓето. Уште еднаш да кажам дека овој процес не значи предавство на историјата и идентитетот. Туку токму спротивното, членството во ЕУ носи предности од поголем просперитет, стабилност и демократска одговорност“, изјави евроамбасадорот, Дејвид Гир

Актуелниот и следниот претседавач со ЕУ, Чешка и Шведска потсетија дека и при прием на други земји членки имало спорови со соседи коишто биле надминати преку дијалог. Порачаа, евроинтеграцијата носи просперитет.

„Дел од програмата на чешкото претседателство е промоција на дијалог меѓу соседните држави, Северна Македонија и Бугарија, за размена на искуства за евроинтеграцијата и за предностите и придобивките на заедничкиот европски пазар, чиј дел ќе биде и Македонија по членството во ЕУ“, изјави амбасадоротот на Чешка, Јарослав Лудва.

„Сите иницијативи за дијалог се добредојдени, но треба да се вклучат сите во општеството, граѓанскиот сектор и бизнисот. Нивниот глас е многу важен кога станува збор за надминување на проблемите, но за градење на конструктивно заедништво за одење напред во оваа нова фаза за Северна Македонија на патот кон ЕУ“, изјави амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џејн.

И, бугарскиот амбасадор во земјава со оценка дека веќе се гледа користа од почетокот на преговорите, со раст на трговската размена меѓу двете соседни држави.

„Ќе се фокусирам на најновиот аспект, економската придобивка од евроинтеграцијата. Има силни показатели за првпат во историјата, дека до крајот на оваа година, трговската размена меѓу Софија и Скопје ќе надмине една милијарда евра. Тоа значи дека бизнисот го следи добриот тренд, сега кога Северна Македонија во отвори европскиот пат. Што ќе придонесе за добросостојбата на граѓаните од двете држави“, изјави бугарскиот амбасадор, Ангел Ангелов.

Европските амбасадори истакнаа дека во новата фаза од евроинтеграцијата, Македонија ќе ја има нивната поддршка.

Ирина Гелевска