Скопје

Автобусите на ЈСП повторно возат

20.10.2022 16:36

Автобусите на ЈСП повторно возат. Септемвриската плата ќе биде поделена утре. Град Скопје информира дека парите за вработените се обезбедени. Го повикаа раководството на претпријатието да си поднесе неотповиклива оставка поради, како што велат, несоодветно менаџирање...

Автобусите повторно се на улиците на Град Скопје. По утринскиот хаос и нервози на граѓаните, конечно попладнево скопјани се вратија на стариот ритам. Доцнењето од неколку часа и понатаму предизвикуваше метеж.

Со одлука на Град Скопје се обезбедија средства за септемвриската плата на вработените, со што заврши штрајкот на синдикатот на ЈСП. Трансферот е направен. Плата ќе има утре, рече претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски.

Советниците од сите политички партии на вонредната седница рекоа дека даваат поддршка за предлог-одлуката за измена на одлуката за давање на субвенции на ЈСП Скопје за 2022 година, со што на вработените во претпријатието ќе им се исплати заостанатата плата чие доцнење доведе до прекин на јавниот превоз во главниот град.

Градоначалничката Арсовска истакна дека обезбедените средства се доволни за три-четири месеци. Вината за ваквата состојба на претпријатието таа ја лоцираше во менаџментот, како и на политичките надмудрување на двете најголеми партии.

Утринава во 4 часот и 30 минути почна штрајкот на вработените на ЈСП. Тие во раните утрински часови се собраа во базните станици, подготвени да преговараат за исплата на задоцнетата плата, оставајќи ги скопјани да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Марина Стојанова Тонева