Прв имотен лист во подземен катастар

24.04.2014 14:24

За четири години ќе се знаат податоците за поставеноста и сопстевноста на целата телекомуникациска инфраструктура...

Почна да функционира подземниот катастар. Телеком го доби првиот имотен лист за подземна инсталација. За четири години ќе се знаат податоците за поставеноста и сопстевноста на целата телекомуникациска инфраструктура.

„Создадени се услови за запишување на телекомуникациската инфраструктура и ги повикувам сите компании кои располагаат со соодветна градежно-техничка документација да ја достават и што поскоро да добијат имотен лист“, рече Славе Трпески, директор на Државниот катастар на недвижности.

Ќе се добијат податоци за искористеноста на просторот под земја, ќе се намалат оштетувањата на подземната инфраструктура што се случуваа со ископувањата.

„При изведба на градежни активности, поради уништена инфраструктура, граѓаните остануваа без електрична енергија, вода, телефон или интернет. Досега во Кастастарот воопшто немаше евидентирано каде се наоѓаат овие инфраструктурни објекти, ниту пак беше запишана нивната сопственост“, истакна Миле Јанакиески,министер за транспорт и врски.

Подземниот катастар ќе ја евидентира целокупната електрична, водоводна, телекомуникациска и друга мрежа.

„Секој што сака да инвестира ќе може да ја види постојната мрежа и да ја планира својата“, рече Жарко Луковски, извршен директор на Т- Мобиле.

Се работи и софтверско решение, ќе се олесни донесувањето на деталните урбанистички планови, ќе се добива комплетна информација за одредена локација.

 

Сузана Фиданска Стоевска