Скопје

Управниот одбор и Арсовска си ја префрлаат вината за долговите на ЈСП

20.10.2022 18:43

Автобусите на ЈСП повторно возат. Септемвриската плата ќе биде поделена утре. Советот на Град Скопје ја изгласа одлуката за давање субвенции на јавното сообраќајно претпријатие. Градоначалничката Данела Арсовска рече дека ќе се бара одговорност за финансиската состојба и милионските долгови кои се генерирале. Реагира управниот одбор…

Автобусите повторно се на улиците на Град Скопје. По утринскиот хаос и нервози на граѓаните конечно попладнево скопјани се вратија на стариот ритам. Доцнењето од неколку часа и понатаму предизвикуваше метеж.

Со одлука на Град Скопје се обезбедија средства за септемвриската плата на вработените, со што заврши штрајкот на синдикатот на ЈСП. Трансферот е направен. Плата ќе има утре – рече претседателот на Синдикатот Миќо Стојановски. Советниците од сите политички партии на вонредната седница рекоа дека даваат поддршка за предлог-одлуката за измена на одлуката за давање на субвенции на ЈСП Скопје за 2022 година, со што на вработените во претпријатието ќе им се исплати заостанатата плата чие доцнење доведе до прекин на јавниот превоз во главниот град.

Градоначалничката Арсовска истакна дека обезбедените се доволни за три-четири месеци, вината за ваквата состојба на претпријатието таа ја лоцираше во менаџментот, како и на политичките надмудрување на двете најголеми партии.

Управниот одбор на ЈСП реагира. „Ако некој сака да среди голем дел од проблемите во ЈСП а кои очигледно се „пикаат под тепих“, треба прво да си ги заврши своите обврски“-се вели во писмената реакција.

Тие одговорноста ја префрлаат повторно до градоначалничката Арсовска како и до в.д. директорот на претпријатието. Ги повикуваат надлежните институции да постапат според своите овластувања и да се утврди зошто Град Скопје им должи на ЈСП.

Инаку утринава во 4 часот и 30 минути почна штрајкот на вработените на ЈСП. Тие во раните утрински часови се собраа во базните станици, подготвени да преговараат за исплата на задоцнетата плата, оставајќи ги скопјани да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Марина Стојанова Тонева