Промоцијата на сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски и Наташа Андонова
„Страшна ноќ“, како дел од едицијата „Старо купувам“, е резултат на една вонвременска соработка со која уште еднаш се докажува дека вистинските вредности се трајни. Идејата на оваа едиција, која вклучува домашни автори – поети, писатели, уметници и илустратори, е да се спојат старите и новите автори, но и старите, класични вредности, со новите, актуелни вредности...

Денес во 18 часот во Културно Информативниот центар – КИЦ Скопје, ќе се одржи промоцијата на сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски и Наташа Андонова.
Антологискиот расказ „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски, кој се смета за еден од најубавите раскази во македонската книжевност, е дел од едицијата „Старо купувам“ на издавачката куќа Темплум. Расказот „Страшна ноќ“, со помош на извонредната ликовна техника на уметницата Наташа Андонова, се претвора во сликовница која го привлекува вниманието на младите читатели, но не може да остане незабележана ни од читателската публика од сите возрасти.
„Страшна ноќ“, како дел од едицијата „Старо купувам“, е резултат на една вонвременска соработка со која уште еднаш се докажува дека вистинските вредности се трајни. Идејата на оваа едиција, која вклучува домашни автори – поети, писатели, уметници и илустратори, е да се спојат старите и новите автори, но и старите, класични вредности, со новите, актуелни вредности. Постарите, делумно подзаборавени дела на значајни претставници на македонската книжевност, преку оваа едиција добиваат ново руво, односно за прв пат овие текстови се објавени во вид на сликовници, визуелно поддржани од страна на најдобрите современи уметници и дизајнери.
Промоцијата на сликовницата која ќе биде прикажана во форма на Камишибаи претстава – вид на јапонски уличен театар во кој приказните се раскажуваат со употреба на илустрирани картички, и ќе биде водена од Никола Гелевски, Марина Туфекчиевска, Наташа Андонова и Фросина Крушкаровска.
