Во Славјанск се подготува „партизанска“ одбрана

24.04.2014 15:06

Агенциите пренесуваат дека до сега се убиени 5 лица. Според украинското министерство за внатешни работи, уништени биле три барикади на сепаратистите на влезот во градот...

Украинските сили почнаа операција за повторно преземање на контролата во Славјанск. Агенциите пренесуваат дека до сега се убиени 5 лица. Според украинското министерство за внатешни работи, уништени биле три барикади на сепаратистите на влезот во градот. Проруските демонстранти запалиле барикади од гуми во обид да ја намалат видливоста, но во рок од половина час украинските сили коишто во градот упаднале со 5 оклопни возила, успеале да ја контролата врз пунктот. Во акцијата покрај оклопните возила е вклучен и еден хеликоптер, а очевидци велат дека во моментот кога тој надлетувал, се слушале истрели. Проруските демонстранти коишто досега ја држеа контролата над Славјанск, сега заземаат дефанзивни позиции.

„Немаме што да загубиме. Ако владата на Киев не нападне, ако се подготвени да убијат или запалат 5 или 6 000 луѓе, тогаш нека биде така“, вели проруски активист.

Рускиот претседател Путин изјави дека доколку украинските власти навистина испратиле војска во Славјанск, тоа е сериозно злосторство од страна на Киев против сопствениот народ. Путин ја оцени акцијата на актуелните прозападни власти како казнена мерка против руските приврзаници која несомнено ќе има последици врз односите меѓу двете земји. Путин рече дека западните санкции против Русија имаат влијание на економијата, но оти тоа влијание не е критично. Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека САД треба да го искористат своето влијание да го убедат Киев да ги исполни своите обврски од договорот во Женева постигнат минатата недела.

Марина Автовска