Русите минираа брана и делови од хидроелектраната во Каховка
Руските сили и натаму нишанат кон украинската енергетска инфраструктура. Погодена е и хидроцентрала, на десетици области им се заканува недостиг на вода. Москва и Техеран ги отфрлија обвинувањата од западот за употребата на ирански беспилотни летала во Крим. Полска и Романија бараат алтернативни решенија за спас на населението при евентуален нуклеарен напад...

Русите минираа брана и делови од хидроелектраната во Каховка. Во опасност од недостиг на вода и поплави се 80-на места. Нападите траат и во Запорожје и Харков.
„Сега е тивко, но претходно ракети ни летаа над главите. Ова е трагично, никогаш не помислувавме дека ќе ни се случи вакво нешто, ваква суровост“.
„Русите се како дома. Повеќе од лесно им е да ги обијат вратите и да се вселат како никогаш да не виделе цивилизација во животот. Нека одат со Бога, не сакаме ни да ги видиме, ни да ги слушаме. Русија е тероризам, ништо друго“.
„Руските трупи продолжуваат да ги напаѓаат нашите нуклеарни централи со проектили и дронови. На крајот, ќе пропаднат поради таа злоба. Правиме сè за да добиеме помодерни и поефикасни противвоздушни и ракетни системи“.
Извештаи за ракетирање пристигнуваат и од проруските претставници во Луганск. Тврдат дека шестмина загинале, а десетмина се повредени во напад на проектили во источниот дел од регионот. Шефот на Кремљ Путин и министерот за одбрана Шојгу во посета на полигоните за обука во Рјазан. Според Вашингтон, силите на Москва користат ирански беспилотни летала на Крим.
„Имаме темелни докази за нивна употреба од страна на Русија и против воени и против цивилни цели. И покрај тоа, Иран и Русија и натаму лажат за тоа, негираат дека Иран ја снабдува Русија со оружје во војната со Украина“, изјави Кирби, координатор за стратегиска комуникација во Советот за национална безбедност.
По Русија, обвинувањата ги отфрли и Техеран, истовремено ги предупреди своите граѓани да се воздржат од патување во Украина.
„Дали воопшто треба да се коментираат ваквите тврдења? Не треба бидејќи тие се само неосновани заклучоци и нереални претпоставки кои Британија и Франција се обидуваат да ги вметнат во некоја имагинарна ситуација“, изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.
Поради зачестените борби околу нуклеарните централи, Полска и Романија, како први соседи на Украина, бараат алтернативни решенија за заштита. Се приспособуваат застарени засолништа, а во Романија во игра е и поранешен рудник за сол.
„Мислам дека населението на Источна Европа не стравува бидејќи ова е хипотетичка ситуација, таквиот нуклеарен напад. Рудникот може да собере многу луѓе, но постојат практични проблеми. Прво, треба да имаат вежба за поголеми групи луѓе кои треба да знаат каде да се движат во момент на паника“, изјави романскиот аналитичар, Сорин Јонита.
Во соседните земји на Русија и на Украина се повеќе се на цена таблетите со јод кои служат како заштита од нуклеарна радијација.
Маја С. Филдишев
