По пет неуспешни обиди бугарското Собрание доби претседател
Бугарија доби претседател на Собранието. Вежди Рашидов ја доби довербата од мнозинството пратеници, по договорот меѓу ГЕРБ и бугарските социјалисти. Претседателот Радев сега треба да го довери мандатот за формирање влада на победничката ГЕРБ...

По пет неуспешни обиди, бугарското Собрание доби претседател. Вежди Рашидов од пратеничката група на ГЕРБ-СДС ја доби довербата од 139 пратеници. Изминатите денови тој претседаваше со седницата како највозрасен пратеник. Предлогот дојде од мнозинството во претседавачкиот совет, односно ГЕРБ и БСП се здружија, а им се придружија пратениците на турската партија ДПС и „Бугарски подем“ на поранешниот технички премиер Стефан Јанев. По изборот, Рашидов ги повика пратениците да се фатат за работа.
„Ќе жртвувам дел од моите преостанати години за доброто на бугарскиот народ. Бидејќи народот ќе биде многу понижен и гладен, ваша должност е да се грижите за овие луѓе. не е фер да се шегуваме со народот три дена, парламентот не е сатиричен театар“
Претходните обиде беа неуспешни и покрај отстапките на ГЕРБ и „Продолжуваме со промената“, кои ги повлекоа нивните кандидатури. Пратениците не можеа да се согласат ниту за изборот меѓу заменик-претседателот на ДПС Јордан Цонев и социјалистот Кристијан Вигенин.
„Ова е последно гласање во кое учествувам. Ако првиот ден имаше омраза во однесувањето на пратениците, сега предизвикуваат потсмев. По секои избори некои остануваат во опозиција, но како опозиција парламентот ви дава можност да го покажете вашиот лик, вашиот имиџ“, рече Кристијан Вигенин, од БСП.
„Идејата на пратеничката група на ДПС беше во услови на многу остра конфронтација меѓу првите две сили, третата да преземе одговорност и да го деблокира процесот“, рече Јордан Цонев, ДПС.
Претседателот Радев најави дека по конституирањето и изборот на собраниски спикер, ќе го довери мандатот на победничката ГЕРБ за формирање Влада.
Милчо Велески
