Политика

Мицкоски: Владата води лоша економска и енергетска политика

21.10.2022 14:40

Владата води лоши економски политики, на годишно ниво се прави долг од речиси 600 милиони евра, критикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој смета дека и енергетските политики се погрешни, особено во делот на РЕК Битола и РЕК Осломеј. Тој вели дека ја поддржуваат изградбата на Чебрен, но оти ХЕЦ Тиквеш мора да остане во производството портфолио на ЕСМ…

Владата е заглавена во лоши економски политики во кои долгот на годишно ниво изнесува 590 милиони. Кусокот е поразителен за македонскиот граѓанин кој се соочува со инфлација и пораст на цените на основните продукти, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Тој смета дека владата ги турка во бездна РЕК Осломеј и Битола со идеја да ги затвори.

Не може власта да го даде Чебрен на инвеститор, а ХЕЦ Тиквеш да го подари, особено што Тиквеш произведува квалитетна струја, вели Мицкоски. Таков договор на сегашната влада и инвеститорот, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поништи.

Во однос на последните случувања со јавниот превоз во Скопје, Мицкоски нагласи дека Советот на Град Скопје повторно ќе изгласа субвенционирање на претпријатието да не трпат штета жителите на Скопје и вработените во ЈСП.

Миле Ристески