Ставрески: Следните 6 до 9 месеци 1.000 нови работни места во Прилеп
24.04.2014 15:10
Ставрески посочи дека можност за вработување прилепчани ќе имаат и во Дрекселмаер...

Во следните шест до девет месеци ќе се отворат 1.000 нови работни места за прилепчани. Ова во посета на Прилеп го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Тој истакна дека е очигледно дека амбиентот за бизнис во Прилеп се подобрува, бидејќи само последните неколку дена, 4 компании почнале да градат фабрики во индустриската зона „Прилеп 1“. Ставрески посочи дека можност за вработување прилепчани ќе имаат и во Дрекселмаер.
„Имам добра вест за прилепчани - 500 до 600 работни места во Дрекслмаер ќе бидат пополнети со кадар на луѓе од Прилеп. Тоа го договоривме на вчерашната средба со раководството на Дрекслмаер, да се даде приоритет на луѓето од Прилеп, односно оние кои се невработени да најдат работно место во Дрекселмаер“, вели вицепремиерот Ставрески.
Ставрески укажа дека Владата и понатаму останува отворена за нови инвестиции, како за странски така и за домашни инвеститори. На инвеститорите кои ќе отвараат нови работни места ќе им се дадат најповолните услови за инвестирање. На овој начин ќе се решава проблемот со невработеност на младите.
Вицепремиерот ја поздрави инвестицијата на Филип Морис во Тутунски комбинат Прилеп и истакна дека со влезот на овој светски бренд во комбинатот значително ќе се подобри неговата состојба.
Со влезот на Филип Морис во Тутунскиот комбинат од Прилеп имаме еден стабилен партнер кој ќе ја обезбеди стабилноста и ликвидноста на Тутунскиот комбинат, ќе се обезбеди поголем откуп на тутун и со тоа задржување на работните места и подобар резултат на Тутунскиот компбинат во иднина.
