Спасовски: Досега преку новите базни станици издадени вкупно 16.600 патни исправи за наши граѓани во странство
Од големо значење е базната станица за издавање на патни исправи во Берлин, која е дел од заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на работната посета во Берлин, Сојузна Република Германија, а по повод учество на Самитот на министрите за внатрешни работи во рамките на Берлинскиот процес за Западен Балкан, оствари средба со вршителот на работи во македонската Амбасада во Берлин, Сојузна Република Германија, Н.Е. Драган Петковски.
За време на средбата беше потенцирано дека поради големиот број наши граѓани кои живеат и работат во Сојузна Република Германија, од големо значење е базната станица за издавање на патни исправи во Берлин, која е дел од заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва.
„Согласно новиот проект од страна на МВР обезбедени се и инсталирани вкупно 11 базни станици, и тоа во Њујорк, Венеција, Брисел, Стокхолм, Љубљана, Лондон, Берн, Виена, Бон, Берлин, и Минхен, како и 5 мобилни станици. Од самиот почеток на проектот заклучно со октомври 2022 година, вкупно се издадени 16.600 патни исправи преку ДКП-ата, а само во Берлин се издадени 1.800 патни исправи“, информираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски изрази задоволство што целокупниот процес - од поднесување на барање до изготвување на патните исправи трае од 15 до 30 дена.
