Македонија

Синдикатот бара разрешување на в.д. директорот на Водовод

21.10.2022 14:53

До среда ако не биде сменет в.д. директорот на Водовод и канализација, Марјан Митовски, поради кршење на работничките права, Синдикатот најавува штрајк. Вработените од ЈСП ги добија платите за кои вчера протестираа во главниот град. Јавниот превоз е нормализиран...

Разрешување на в.д. директорот на Водовод и канализација, Марјан Митовски, поради како што велат, кршење на работничките права, побараа од Синдикатот за комунални дејности при ССМ. Велат, Митовски прави раздор и селекција на вработените и не си ги извршува работните задачи согласно закон и колективен договор. До среда има даваме рок на градоначалничката и советот, а понатаму ќе преземеме мерки и најверојатно ќе штрајкуваме, а блокадата е неминовна, предупреди првиот човек на ССМ, Димовски.

Од ССМ информираа и дека со исплатата на платата на вработените во ЈСП Скопје, борбата на синдикалната организација го дала својот резултат. Се оградија од како што ги нарекоа – политичките игри на поединци со паркираните автобуси пред Владата.

„Нема да дозволиме синдикалната и работничката борба за работничките права некој да ја злоупотребува во политички цели и игри и од тие причини како што и веќе информиравме, синдикатите не стојат зад организираната блокада пред владата, која според синдикатите е одраз на политичка борба во која нема дозволиме да бидат вовлечени работниците“, се вели во соопштението на ССМ.

И синдикатот при ЈСП потврди дека вработените зеле плата и дека јавниот градски превоз продолжува да функционира нормално.

Марија Котовска