Македонија

Сточарите повторно на протест, блокираа регионален пат

21.10.2022 15:13

Сточарите од кумановските села денеска два часа го блокираа стариот регионален пат Куманово-Скопје, поради како што велат неосновано уништување на свињите во овој регион. Тие не се откажуваат од нивните барања и бараат средба со надлежните, да им објаснат зошто уништуваат здрави свињи. Агенцијата за храна и ветеринарство денеска недостапна за медиумите...

Сточарите од кумановските села Љубодраг, Умин Дол и Ново Село, повторно на протест. Овој пат два часа целосно го блокираа стариот регионален пат Куманово-Скопје. Бараат повторни испитувања на свињите и средба со претставниците на Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Тврдат дека е неосновано уништување на свињите во овој регион. Животните според нив немаат африканска чума. По првиот предупредувачки протест не добиле никаков одговор. Велат станува збор претежно за индивидуални земјоделци кои одгледуваат свињи за свои потреби. Сега сакаат да ни ја земаат маката.

„Имаме сознанија дека се увезени 25 тони месо, а овде на луѓе кои чуваат 2-3 или 5 свињи им земаат од уста. Да има болест ние ќе ги уништиме, свесни сме дека е штетно по здравјето, но нема ниту една свиња позитивна тие сакаат да уништуваат“, вели претседателот на м.з Љубодраг, Бобан Лазиќ.

„Начинот на одгледување на свињи е во затворен простор, нема контакт со никој, нема можност да се заразени. Во Љубодраг, Умин Дол Ново Село нема ниту една позитивна од извршените тестови“, дополнува друг жител.

„Можеби кај човекот е добиено, во една куќа, тоа е уништено, оттука натаму еве 20 дена ништо ново нема, нека дојдат повторно да проверат ако има болест нека ништат, но ако нема вакви драстични мерки“.

Сточарите најавуваат протести и блокади и наредните денови. Велат нема да дозволиме службите да влезат и да го уништуваат целот фонд од над 300 здрави свињи.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство побаравме, но не добивме одговори. Африканска чума претходно беше регистрирана во едно одгледувалиште во Љубодраг, како и во Долно Којнаре и Арбанашко. Надлежните тогаш информираа дека во зони под надзор се Ново Село и Умин Дол, како и уште неколку други села. Според последните податоци, со мерката за депопулација на ниво на земјата, досега се опфатени 3.500 свињи.

Во кумановско на почетокот на месецов за прв пат беше регистрирана појава на оваа свинска болест.

Елена Георгиевска