Туризам

Хотелите ќе добијат поевтина струја

21.10.2022 15:21

За да опстои туристичкиот сектор мора да добие поддршка од државата. Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот најавуваат сет мерки кои ќе ја амортизираат кризата, меѓу кои во игра се поевтина електрична енергија, враќање на ваучерите и други предлози на туристичкиот сектор кои ќе бидат прифатливи за Владата…

По најавите дека 50 до 60 проценти од хотелите на охридско-струшкото крајбрежје ќе ги затворат вратите на почетокот на ноември, од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот велат дека овој сектор ќе добие поддршка, но селективна при што таа главно ќе биде насочена кон субјектите коишто работат правилно и го полнат буџетот. Анализите и оваа година покажале дека во туризмот има голема сива зона, а тоа особено се однесува на индивидуалните сместувачки капацитети.

„Очекувам секторот да добие поевтина енергија. Ние сме работници луѓе, туристичкиот сектор знае што е криза, бидејќи да не заборавиме пандемијата го направи своето. Очекувам дека ќе има одредени олеснувања, дополнително очекувам бизнисот реално да даде потреба и да даде мерки коишто ние ќе ги проследиме преку советот и преку агенцијата до самата влада“, вели Љупчо Јаневски-директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Ако во сегашната криза туристичкиот сектор не добие поддршка последиците ќе бидат тешки, велат експертите.

„Засега е многу проблематично затоа што имаме криза во криза и тоа практично го уништи целиот овој сектор. Мислам дека тоа треба да се сфати многу сериозно. Не само од гледна точка на тоа што хотелиерите тешко ќе можат да ги рестартираат своите капацитети, туку затоа што ќе ја изгубиме туристичката клиентела“, смета проф. д-р Науме Мариноски- туристички експерт.

„Тоа е верижна реакција, ако некој затвори, ако затворат авиокомпании, ако затворат хотели, тогаш ќе затворат и превозници, тогаш ќе се затвори и за водичи. Тогаш нема да работат ни ресторани и тоа е веќе стопирање и едно тесно грло, тоа е голема штета“, додава Љупчо Јузмески- туристички водич.

Инаку во Струга денеска се одржа работилница од ИПА 2 проектот, кој за прв пат заеднички ќе го реализираат Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, туристичката организација на Солун и Италијанско-грчката комора.

Сашо Нелоски