Османи-Бербок

Поддршка од Берлин за европското досие на земјава

21.10.2022 15:23

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со сојузниот министер за надворешни работи на Република Германија, Аналена Бербок. Двајцата хомолози изразија задоволство од високото ниво на политички дијалог и партнерство кое е во интерес и на регионот и на Европа...

Германската шефица на дипломатијата потврди-поддршката од Берлин за европското досие на земјава ќе продолжи со несмалено темпо, поздравувајќи напредокот што го постигна Македонија за почнување на пристапните преговори.

Македонскиот министер за надворешни Османи ја повторил заложбата на земјава како партнер за доверба и на НАТО и на ЕУ во регионов.

„Особено го цениме фактот што Германија е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, особено кога се работи за прашањата за нашето политичко интегрирање во европските и евроатлантските организации. Северна Македонија останува кредибилен партнер во регионот, и од аспект на НАТО присуството на Балканот, како земја членка, и од аспект на заштитник и промотор на европскиот кредибилитет во регионот.“, истакна Османи.

На маргините на Берлинскиот процес, шефот на дипломатијата Османи се сретна и со бугарскиот колега Милков. Разговарале за исполнувањето на заедничките обврски од Договорот за пријателство. Биле разгледани и провокациите од групи или поединци во двете земји, и било договорено, според соопштението од МНР, инцидентите да не ги нарушуваат македонско-бугарските односи.

Марина Стојанова Тонева