Караванот за информации за вакцинација во Велес
До пред пет години Велес беше лидер во земјава по опфатеност со вакцинација во земјава, но силната антивакцинална кампања го намали интересот. Денес караванот на Министерството за здравство беше во Велес, каде граѓаните се информираа за вакцинацијата…

Велес беше домаќин на карванот за информирање и вакцинација. Тој е третиот град од осумте во земјава, кои ќе ги посетат лекарските екипи. Ако само до пред пет години Велес беше лидер со опфатноста со вакцината од 95 до 98 отсто, тој процент падна значајно, на 80 отсто но и натаму е меѓу водечките општини во земјава. Падот се должи на засилената антивакцинална кампања која се води по социјалните мрежи.
Освен што се информираа за вакцинацијата, дел од граѓаните се пријавуваа за вакцинирање против сезонски грип, оти матичните не сакале тоа да го сторат. За оваа вакцина владее голем интерес, во првите два дена во Велес бесплатно вакцинирани биле 250 лица од здравствено ранливата категорија. Петмина граѓани ја искористија можноста и на пунктот се вакцинираа против Ковид-19 со вакцината „Фајзер“.
Караванот ќе патува низ целата држава за да им ги приближи информациите за вакцините на граѓаните од избраните локални заедници.
Освен во Велес, денес тој ги посети и населбите Чашка и Бузалково. Карванот го организира Министерството за здравство, заедно со СЗО, УНИЦЕФ и УСАИД.
Петар Печков
