Берлински процес

Османи: Заедничкиот регионален пазар и Отворен Балкан имаат иста цел

21.10.2022 18:19

Како што информираат од МНР, на состанокот министрите усвоија Декларација за имплементација на заедничкиот регионален пазар и потпишување на договорите за признавање на академски квалификации/дипломи, професионални квалификации и патување со лични карти во Регионот.

Шефот на дипломатијата Османи денеска учествуваше на состанокот на министри за надворешни работи одржан во рамките на Берлинскиот процес, чиј домаќин оваа година беше министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок.

Како што информираат од МНР, на состанокот министрите усвоија Декларација за имплементација на заедничкиот регионален пазар и потпишување на договорите за признавање на академски квалификации/дипломи, професионални квалификации и патување со лични карти во Регионот.

Меѓу темите кои беа дискутирани за време на состанокот беа и енергетската криза и потребата од солидарност од земјите членки на ЕУ, заштитата на животната средина и Зелената агенда, улогата на граѓанското општество и вклученоста на младите.

Во своето излагање, министерот Османи се осврна на предизвиците со кои се соочува Северна Македонија и на мерките преземени за нивно поскоро решавање. Нагласи дека она што се смета за особено важно за нас е, од една страна, иницијативата за Берлинскиот процес да обезбеди поврзаност со ЕУ процесите, но истовремено и да се обезбеди меѓусебна комплементарност преку размена на позитивните искуства на земјите.

„Крајно време е да ги здружиме Заедничкиот регионален пазар и Отворениот Балкан. И двете имаат иста цел и треба да бидат комплементарни, инклузивни и да ја почитуваат нашата потрага за усогласување со acquis. Тоа, исто така, би послужило за ставање на напорите на ЕУ, САД и Велика Британија под еден чадор за поддршка на регионот на Западен Балкан како област на слободни и еднакви граѓани“, подвлече Османи.

Министерот говореше и за потребата од унапредување на културата на дијалог и културата на изнаоѓање на компромисни решенија кои имаат за цел да дадат автентичен придонес во европеизација на земјите од регионот.