Активирани сирените за тревога низ повеќе градови во Украина
Повторно одекнаа сирените за напад во Украина. Енергетската и водоводната инфраструктура и натаму примарна цел на руските сили. Сад не гледаат расположение во Москва за прекин на инвазијата...

Украинците го започнаа и овој викенд со сирени за тревога за воздушна опасност. Најкритично во Сум, Николаев и Харков. Дел од жителите на Киев без електрична енергија, непријателските сили и натаму целат кон енергетската инфраструктура.
„Окупирани сме, студено е, се криеме во подруми, не можевме да останеме во станот. Воопшто не е пријатно, ама немаме избор“.
„Не можам ни да учам зашто прекинува конекцијата на интернет со наставниците. Ми умира желбата за студирање. Ништо не функционира“.
Претседателот Зеленски ја обвини Русија за попречување на бродовите со жито.
„Секојдневните редици со бродовите кои носат храна значат зголемена социјална и политичка тензија во земјите кои ги користат нашите земјоделски производи. Нашите партнери се информирани за ситуацијата“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Според САД, во Москва не постои интерес ни за дипломатија ни за крај на агресијата.
„Сè укажува на тоа дека претседателот Путин наместо да изрази волја да се вклучи во суштинска дипломатија, продолжува да оди во спротивната насока. Ги разгледуваме и ќе ги разгледуваме сите средства за подобрување на дипломатијата ако видиме можност за тоа“, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
На почетокот на месецов, шефот на руската дипломатија Лавров изјави дека постои клима за соработка со САД и Турција за прекин на војната, но додаде дека Москва сè уште не добила сериозен предлог за преговорите. Кремљ и натаму инсистира дека во руската влада постои расположение за дијалог уште од самиот почеток.
„Ако се сеќавате, претседателот Путин се обиде да почне разговори и со НАТО и со САД, и со ОБСЕ дури и пред стартот на специјалната воена операција. Путин беше за преговори и кога требаше да биде договорен документот меѓу преговарачите на двете страни. Во однос на ова ништо не се смени. Само ставот на Украина се промени“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Претходно и турскиот претседател Ердоган изјави дека рускиот лидер делувал помеко и поподготвено за разговори за мировно решение за војната која трае осум месеци.
Маја С. Филдишев
