Здравство

По пет години кумановската болницата ќе добие мамограф

23.10.2022 12:09

Кумановската болница до крајот на годината треба да добие мамограф, информира првиот човек на македонското здравство. Општата болница веќе пет години е без овој апарат...

До крајот на годината кумановската болница ќе добие мамограф, тврди првиот човек на македонското здравство, Беким Сали. Општата болница во најголемата општина во земјава, дури пет години е без апаратот неопходен за женското здравје. Стариот мамограф, кој беше донација се расипа во октомври 2017-тата година. Оттогаш пациентките кои сакаат да извршат здравствен преглед се препраќаат во Скопје, или останатите помали општини. Набавката сега вели Сали, е преку Министерството за здравство и Светската банка.

„Тоа се процедури коишто ние мораме да ги запазиме и да ги испочитуваме да се реализира јавната набавка којашто е многу поголема од еден мамограф во Куманово. Се работи за набавка којашто е испланирана за дванаесет јавни здравствени установи со различни типови опременост, со цел децентрализација на здравствените услуги коишто ги даваме во Клиничкиот универзитетски центар во Скопје“, нагласи министерот за здравство.

Овие изминати години и претходните министри за здравство ветуваа дека апаратот ќе се набави во најкус рок. Според податоците на ниво на Куманово годишно се вршат од 200 до 300 прегледи. Анализите пак покажуваат дека најмладата пациентка на која и е дијагностицирано рак на дојка од Куманово е во раните дваесетти години.

Елена Георгиевска