Руско-украински конфликт

Продолжува евакуацијата на цивилите од Херсон

23.10.2022 13:06

Евакуација во Херсон, Г7 го осуди киднапирањето на украинскиот персонал во централата во Запорожје. Руската страна ја обвини Украина за убиство на двајца цивили во напад во Белгород во близина на границата...

Продолжува евакуацијата на цивилите од Херсон. Иако процесот почна по наредба на руската воена управа, многумина тврдат дека решиле доброволно да заминат поради засилената украинска контраофанзива.

„Опасно е во регионов, нема поента да останеме, ништо не функционира“.

„Веќе не знаеме од кого да се плашиме. Седум месеци сме под постојана закана. Каде пукаат, кон кого пукаат“.

„Ако е Херсон руски, ќе се вратиме. Ако е украински, нема“.

Официјален Киев тврди дека силите под команда на Москва истрелале четириесетина ракети.

„Сè уште ја немаме техничката способност стопроцентно да ги собориме проектилите и дроновите на Русија. Постепено ќе стигнеме до тоа, со помош на нашите партнери, сигурен сум. Но веќе пресретнуваме поголем дел од крстосувачките проектили, и повеќето беспилотни летала“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Руската страна ја обвини Украина за убиство на двајца цивили во напад во Белгород во близина на границата. Слични смртоносни инциденти се пријавени и во Курск. Киев без коментар.

„Локалните власти ни рекоа да се пакуваме и да одиме во подрумите“.

Во меѓувреме, земјите на Г7 го осудија руското киднапирање на раководството на нуклеарната централа во Запорожје. Инцидентот се случил на 17-ти октомври при што биле одведени две раководни лица во непознат правец. Комплексот се наоѓа во градот Енергодар и е под контрола на руските сили од март.

На почетокот на месецов, претседателот Путин потпиша указ со кој нуклеарката Запорожје се става во сопственост на Русија. Премиерот Михаил Мишустин потпиша владин декрет за мерки за поддршка на граѓаните кои се повикани на делумна мобилизација.

Викендов, Русија го лансираше првиот сателит со кој треба да си обезбеди широкопојасен интернет. Првата мисија годинава стартуваше од космодромот Восточни на далечниот исток. Сателитот Скиф-Д е дизајниран да тестира нови технолошки решенија за брз интернет и е лансиран во средна циркуларна орбита на височина од 8070 км.

Маја С. Филдишев