Изјавите на државните функционери дека ќе има струја, не се доволно уверливи за граѓаните
Секојдневните изјави на официјалните државни функционери дека ќе има струја за претстојната зима, не се доволни за да се уверат некои граѓани. Повеќе од една просечна плата се троши за да се купат генератори, како резервно решение во случај да снема струја. Ова сериозно влијае во кревањето паника и креирањето на цените на пазарот...

На есенското сонце не треба многу да му се верува, исто и на ветувањата дека ќе има струја. Со ваква девиза Божидар Трајкоски од струшко Мороишта одлучил во екот на светска енергетска криза да инвестира за да спие мирно. Малку маалски муабети, малку медиуми, му влеале страв на стружанецот дека е подобро да вложи 22 илјади денари за агрегат за да знае дека секогаш ќе има на што да ги приклучи најнеопходните апарати.
„Ако снема евентуално струја во Струга, во државата да речеме, тоа е барем за парното греење да можеме да ја вклучиме пумпата на агрегатот за да работи парното греење“, вели Божидар Трајкоски, земјоделец од Струга.
Дека агрегатот се гледа како алтернативно решение се уверивме и во Битола. Компанија која 30 години, меѓу другото, се занимава со продажба на агрегати, вели дека се бараат.
„Агрегати бараат конкретно за во домаќинства, не повеќе за во индустрија. Обично се движат од шест киловати па нагоре. Тој агрегат може да работи од 4-8 часа во текот на денот“, вели Николче Митриќески.
На лице место ваков апарат бираше и битолчанецот Никола Трајковски.
„Мора план Б да се има за оваа ситуација“, вели НиколаТрајковски.
Зошто? Не верувате дека ќе има струја?
„Па не, да бидам искрен, затоа што секој ден се менува ситуацијата во државата и не се знае ништо утре што ќе биде. Официјално велат многу работи ама“, дополни Трајковски.
Владата се фали со транспарентност, министрите уверуваат дека прават сè да набават струја за тековната зима, но недовербата ги тера граѓаните да трошат од и така плиткиот џеб за алтернативни решенија. Од Министерството за економија се запознати за алтернативите кои се набавуваат, но убедуваат дека нема потреба од тоа.
„Домаќинствата нема да подлежат на рестрикции во снабдувањето со електрична енергија. Засега нема најавено прекини во снабдувањето со електрична енергија за граѓаните, па секоја набавка на агрегати би им го оптоварила домашниот буџет за купување на нешто што нема да го користат“, велат од Кабинетот на Министерот Крешник Бектеши.
Александар Дединец од Македонската академија за науки и уметности со години работи на Стратегијата за енергетика на државата и вели дека дезинформациите сериозно влијаат на флуктуациите на пазарот.
„Кога зборуваме во јавноста, мораме да бидеме внимателни во изјавите коишто ги даваме, затоа што апсолутно се согласувам дека граѓаните се збунети и исплашени, меѓутоа не треба да стравуваат во делот со снабдување со електрична енергија. Онаа паника којашто се создава, оди во насока да се зголеми потрошувачката на огревно дрво, набавуваат огревно дрво, враќаат стари печки и така натаму, коешто не би требало да се случува затоа што прави дисторзија и на другите пазари“, вели Дединец.
Ако веќе се размислува за алтернатива, Дединец упатува на друго решение кое би била долгорочна инвестиција.
„Она што искрено ме радува во целата оваа паника е дека голем број на луѓе сакаат да постават фотоволтаици на своите кровови, на голем број домаќинства и тоа е за поздравување и треба овде да се насочиме кон тој дел и што е можно повеќе да имаме такви луѓе, такви домаќинства коишто ќе си стават фотоволтаици на своите кровови и на тој начин ќе го растоварат системот од една страна и ќе си ги намалат трошоците“, дополни Дединец.
Идеално алтернативно решение во фотоволтаиците гледаат и од Министерството за економија.
Катерина Топалова
