Македонија

Научен симпозиум под мотото „129 години ВМРО – борбата за Македонија која трае“

23.10.2022 17:28

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ со научен симпозиум посветен на Денот на македонската револуционерна борба. Лидерот Мицкоски до политичките опоненти испрати повик за обединување околу националните интереси. Историчарите со констатација, идејата за автономна и самостојна Македонија е жива, а предизвиците со кои денес се соочуваме, потсетуваат на историските околности со кои се соочувале нашите предци во 19 век...

Да се исцртаат црвените линии и да нема отстапувања. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски испрати повик до власта за како што го нарече – семакедонско обединување. Да се конкретизираат националните интереси затоа што, вели Мицкоски европската иднина сега е оптоварена со условувања за промената на преамбулата, како и со барање за бришење на процентот од Уставот со кој се детерминира јазикот на албанскиот народ.

На научниот симпозиум посветен на денот на македонската револуционерна борба, историчарот Михајло Миновски посочи дека Владата од позиција на власт, со потпишување на договорите со Бугарија и Грција си дала за право да го менува идентитетот и со тоа извршила атак врз македонската историска наука.

Професорката Котлар, зборувајќи за етапите низ кои се развивала Македонската револуционерната организација, истакна дека нејзината идеологија имала задача да ја зајакне македонската држава и нејзините атрибути кои во денешно време биле ставено под знак прашалник.

Македонската револуционерна организација била основана на 23 октомври 1893 година во Солун.

Анита Димитријевска Велковска