Македонија

Честитки по повод Денот на револуционерната борба

23.10.2022 18:38

Македонија го одбележува, Денот на револуционерната борба. На 23 октомври во 1893 година во Солун била основана внатрешната македонско-одринска револуционерна организација...

Македонија го одбележува, Денот на револуционерната борба. На 23 октомври во 1893 година во Солун била основана внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.

„На овој ден се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, ја формираа македонската револуционерна организација“ вели претседателот Пендаровски во честитката по повод 23-ти октомври.

„Инспирирани од оваа идеја, нашата генерација за успешно да се справи со предизвиците и неизвесностите треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме република северна Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции“, порача претседателот Пендаровски.

„Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината. Храброста и одлучноста на револуционерите, нивната прогресивност и желба за слобода, правда и идеалите за независна држава, е мотив ние денес гордо и достоинствено, обединети и со забрзан чекор да ги остваруваме државните цели“, се вели во честитката премиерот Ковачевски.

Честитка по повод денот на револуционерната борба упати и спикерот Џафери.

„Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот. Нека бидат поука дека заемното почитување, разбирање, единственоста и заедништвото во напорите за градење на современа, демократска и напредна држава единствено може да не вброи во земјите со успешна приказна. Направивме исклучително тешки чекори, нови и непознати стојат пред нас, меѓутоа, ако сме искрено и заедно на тој пат, ништо нема да не поколеба“, истакнува претседателот на Собранието Талат Џафери.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак со порака дека денеска се одбележува 129 години борба за Македонија која сè уште трае.

Празникот беше одбележан и пред споменикот на револуционерот Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје каде делегации на државно-политичкиот врв положија свежо цвеќе.

Ана Ј. Тодоровска