Русите се обидуваат да го изолираат Херсон
Информацијата доаѓа во момент кога руските сили се повлекуваат во западниот дел на регионот Херсон пред очекуваната украинска контраофанзива, чија цел е ослободување на главниот град на регионот.

Украинската влада соопшти дека Русија се обидува да ги прекине телекомуникациите во Херсон за да ги спречи активистите и другите противници на руската окупација да испраќаат информации до вооружените сили на Украина.
Информацијата доаѓа во момент кога руските сили се повлекуваат во западниот дел на регионот Херсон пред очекуваната украинска контраофанзива, чија цел е ослободување на главниот град на регионот.
Украинскиот претседател Зеленски изјави во неделата дека единствено Русија е способна да користи нуклеарно оружје во Европа. Ги критикуваше наводите на рускиот министер за одбрана дека Украина се подготвува за провокација со употреба на т.н. „валкана бомба“.
„Во сите наши региони кои беа цел на вчерашниот руски терористички напад е обновена техничката можност за снабдување со електрична енергија. Им благодарам на сите кои неуморно работеа за да им донесе светлина на луѓето. Обновувањето на енергетските капацитети уништени од терористички напади е многу подолга и потешка задача. Но, со текот на времето и тоа ќе го обезбедиме“, изјави Зеленски.
Повоената обнова на Украина ќе биде „мисија на цела генерација“ за која е потребна стратегија како Маршаловиот план, нагласуваат германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Тие ја бранат таа теза ден пред германско-украинскиот економски форум во Берлин посветен на обновата на Украина.
