Боров четник уништува шума во липковско
Боров четник уништува шума во липковско Слупчане. Овој штетен инсект беше забелажан и во козјачкиот регион, во близина на Кокино, како и во Студена вода. Надлежните ветуваат итни мерки.

Неколку хектари борова шума во липковско Слупчане е нападната од гасениците на боровиот четник. На бројни стебла се забележуваат по неколку гнезда. Согласно анализите, стеблата кои подолг период се под влијание на боровиот четник, целосно се сушат. Експертите укажуваат дека боровиот четник освен што е штетен за дрвјата, може да влијае и на здравјето на населението.
„Навистина прави штети не во однос на самата шума, туку во однос на здравјето на посетителите. Ларвите ги формираат овие гнезда кои може да се забележат и сите се групираат заедно. И тука презимуваат цела зима,се до следната пролет. Имајќи во предвид помали површини или паркови како што е овој, ларвите се во едно гнездо и ова е најдобар период за нивна контрола“, вели Џанкарло Говернаторе, експерт за земјоделство од Италија.
Од министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство велат дека по увидот на терен, и анализата на експертите, ќе побараат итни мерки од Владата.
„Времето за интервенција е сега, на физички начин да се отстрани оваа болест што се појави кај борот. Како што вели многу е штетен особено на просторот како што е ова овде, каде што е постојано посетено од населението, децата. По препораките ние ќе делуваме во министерството и подоцна од владата“, изјави Реџаил Исмаили, државен секретар во Министерство за земојоделство, водостопанство и шумарство.
Боровиот четник кој е особено штетен за насадите, освен во липковско, е забележан и во шумите во Старо Нагоричане, во близина на мегалитската оперваторија Кокино, како и на Студена вода, Четирце.
Елена Георгиевска
