Јордан

Османи ја отвори Медитеранската конференција на ОБСЕ

24.10.2022 14:16

Во воведното обраќање шефот на дипломатијата се осврна на споделените безбедносни предизвици со кој се соочуваат земјите од Медитеранот и земјите учеснички на ОБСЕ...

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја отвори овогодинешната Медитеранска конференција на ОБСЕ, во својство на претседавач на групата медитерански партнери за соработка на ОБСЕ.

Во воведното обраќање шефот на дипломатијата се осврна на споделените безбедносни предизвици со кој се соочуваат земјите од Медитеранот и земјите учеснички на ОБСЕ. Тој упати на агресијата од страна на Руската федерација врз Украина и силното влијание врз политичките и безбедносните процеси врз регионот на ОБСЕ и земјите од Медитеранот.

„И покрај тоа што нашите заеднички напори да ја запреме агресијата врз Украина во моментот не вродуваат со плод, во светло на воинственото лице на Руската федерација, ова не е време за дефетизам, туку активен ангажман. Ние мора да најдеме начин да ги намалиме болката и тежината на агресијата, со силен фокус врз луѓето кои страдаат и имаат потреба од поддршка. Треба да го искористиме овој форум за да повторно ја подвлечеме безбедносната меѓузависност меѓу двата региона, тој на ОБСЕ и Медитеранот, конструктивно и во духот на вистинско партнерство – споделени приоритети кои задираат во животите на сите наши граѓани“ – истакна министерот Османи.

Тој упати на важноста од спроведување на националните агенди во функција на поддршка и зајакнување на младите, жените, справувањето со ефектите на климатските промени и борбата против трговијата на луѓе. Подвлече дека овие теми ќе бидат дел од приоритетната агенда на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

„Нашата младина веќе ги чувствува сините ефекти од климатската криза. Тие треба да бидат на браникот во справувањето со овие феномени во годините што доаѓаат. Нашата иднина ќе биде во нивни раце и ние мора да создадеме предуслови за нивна ефикасна акција и делотворен ангажман“ – подвлече министерот Османи.

На дводневната конференција учествуваат преку 200 високи претставници на земји учеснички на ОБСЕ и медитеранските партнери за соработка на  приоритетните теми поврзани со зајакнувањето на младите и жените, справувањето со ризиците од климатските промени и трговијата со луѓе.